рана менопауза симптоми
Рана менопауза – симптоми, ризици и совети!

Раната менопауза е тема која загрижува многу жени. Самата помисла дека месечниот циклус може да престане кога најмалку очекуваме е застрашувачка за секоја жена.

Сепак, постои разлика помеѓу предвремена и рана менопауза. Менопаузата што се јавува пред 40-тата година се нарекува предвремена, додека онаа што се јавува на возраст од 40 до 45 години се нарекува рана менопауза. Околу 5% од жените природно минуваат низ рана менопауза. Може да има многу причини за тоа. Пушењето и одредени лекови или третмани може да предизвикаат појава на менопауза порано од вообичаеното. Во оваа статија ќе дознаеме повеќе за причините за оваа состојба и начините на кои можеме да ја спречиме.

Раната или предвремена менопауза може да се појави сама по себе без очигледна причина или поради операција, одредени лекови или други здравствени проблеми.

Причините можат да бидат различни:

Генетски – жените со семејна историја на рана или предвремена менопауза имаат поголема веројатност да го искусат истиот проблем.

Рана менструација – ако првата менструација сте ја добиле на 11 години или помлади, многу е веројатно предвреме и да влезете во менопауза.

  • Пушење – откриено е дека жените кои пушат може да доживеат менопауза до две години пред непушачите. Тие исто така може да доживеат потешки симптоми на менопауза.
  • Хемотерапија или зрачење на карлицата – овие третмани може да ги оштетат јајниците и да предизвикаат менструацијата да престане за одреден период или засекогаш.
  • Операција за отстранување на јајниците – хируршкото отстранување на двата јајници може веднаш да предизвика симптоми на менопауза. Циклусот престанува по оваа операција и нивото на хормоните многу брзо паѓа. Може да се појават силни симптоми на менопауза како што се топли бранови и намален сексуален нагон.
  • Операција за отстранување на матката – жените кои имале хистеректомија, со која се отстранува матката, можат да ги задржат своите јајници. Со зачувани јајници, веројатноста веднаш да влезете во менопауза е мала, бидејќи јајниците ќе продолжат да произведуваат хормони. Подоцна, овие жени може да доживеат природна менопауза една или две години порано од очекуваното.
  • Автоимуни заболувања – кај разни заболувања на тироидната жлезда и ревматоиден артритис, иако ретко, имунолошкиот систем на телото кој вообичаено се бори со заболувањето, може по грешка да ги „нападне“ јајниците и да ги спречи да произведуваат хормони.
  • ХИВ и СИДА – жените со ХИВ чија инфекција не е добро контролирана со лекови може да доживеат рана менопауза. Жените со ХИВ може да имаат и потешки топли бранови од здравите жени.
  • Синдром на хроничен замор – жените со мијалгичен енцефаломиелитис/синдром на хроничен замор имаат поголема веројатност да имаат рана или предвремена менопауза.

Како да препознаете дали поминувате низ предвремена или рана менопауза?

Првиот симптом дека поминувате низ менопауза е кога повеќе од 12 месеци по ред немате месечен циклус. Доколку имате некој од следниве симптоми – топли бранови, нередовни менструации, невообичаено крварење, проблеми со спиењето и сувост на вагината – треба да се јавите кај вашиот матичен гинеколог. Вашиот гинеколог ќе Ве прегледа и ќе Ве упати да ги направите соодветните испитувања за Вашиот хормонален статус (естроген, FSH и сл.)  врз основа на што Вие ќе знаете дали се уште можете да забремените и дали станува збор само за привремено пореметување на месечниот циклус или навистина влегувате во рана менопауза.

Кои се здравствените ризици од предвремената и раната менопауза?

Генерално, жените со рана менопауза се изложени на поголем ризик за срцеви заболувања и остеопороза, бидејќи овие жени ќе живеат подолго без здравствените придобивки од повисоките нивоа на естроген. Исто така раната менопауза може да предизвика и појава на потешки симптоми како и појава на депресија заради раното губење на плодноста на жената.

Како да се носиме со раната менопауза?

Ако сте погодени од рана менопауза, важно е да добиете лекарска помош која ќе Ви помогне да управувате не само со симптомите на менопаузата, туку и да го намалите ризикот од развој на други заболувања кои можат да настанат поради недостаток на естроген. Постојат два пристапи и терапии кои што ги препорачуваат лекарите:

  • Хормонска супституциона терапија – најчесто се дава комбинирана терапија со естрогени и прогестерон. Користење само на естрогенска терапија е можна само доколку пациентката нема матка. Хормонската терапија ги контролира и смалува симптомите на менопауза и има заштитен ефект на коските, крвните садови и срцето. Најчеста несакан ефект на овој тип на терапија е ризикот од карцином на дојка. Сепак, модерните истражувања укажуваат на минимално зголемен ризик за карцином на дојка со многу поголем заштитен ефект на другите органи.
  •  Фитоестрогени – супстанци кои се наоѓаат во растенија (сојата, ноќничето, црвената детелина), а се со слична структура како и естрогените. Кај жени во менопауза фитоестрогените се врзуваат за рецепторите и делуваат како естрогени. Имаат послаб ефект и обично се даваат кај жени со минимални симптоми. 

И за крај, прашањето кое веројатно секоја жена си го поставува – Дали раната менопауза може да се одложи?

Не постои јасен доказ дека промената на однесувањето може да ја одложи менопаузата. Сепак  одредени фактори го зголемуваат ризикот од рана или предвремена менопауза. Доколку сте пушач, добро е да го намалите бројот на цигари или целосно да ги прекинете. Можно е да се одложи менопаузата за краток временски период со помош на редовна, здрава и балансирана исхрана и здрав начин на живот кој вклучува и лесна физичка активност. 

Овој веб сајт користи веб колачиња. Би сакале да користиме веб колачиња "Cookies", со цел да го подобриме Вашето корисничко искуство на нашиот веб сајт. Ова ни овозможува да го подобриме Вашето идно искуство на нашиот веб сајт. Политика за колачиња
СЕ СОГЛАСУВАМ
не се согласувам