омега 3 масни киселини за деца
Омега-3 масни киселини, овој нутритиент е од животно значење за правилен раст и развој на вашето дете

Додека детето е мало, но и во текот на неговото растење, родителите особено внимаваат на грижата за здравјето на детето. Секој родител барем еднаш помислил како можеме да бидеме сигурни дека нашето бебе е здраво и се развива правилно?

Која храна и витамини му се потребни на детето за да биде силно и здраво и правилно да се развива?

Дали треба да се користат Омега-3 масни киселини и како тие влијаат врз растот и развојот на детето?

Тоа се прашања кои го засегаат секој родител, а ние накратко ќе дадеме правилен совет и насока што понатаму и зошто токму овие киселини им се потребни на децата.

Штом се роди бебето, продолжува интензивно да расте и да се развива. За бебето да ги достигне сите очекувани параметри на месечниот развој во првата година, па дури и подоцна до училишна возраст, важно е родителите да знаат дека во периодот кога се уште се мали, децата треба да ги внесуваат сите потребни хранливи материи.

Во групата на хранливи материи кои го зајакнуваат детскиот имунитет заедно со витамините, протеините, минералите важни се и Омега-3 масните киселини кои имаат одлучувачко влијание кога станува збор за развојот на мозокот на бебето, очите и видот.

Тие спаѓаат во групата на полинезаситени масни киселини и благопријатно делуваат на многу функции на организмот.

Долгорочниот развој и раст на детето, како и правилниот развој на мозокот, менталните и когнитивните вештини на децата, зависи од редовното снабдување со Омега-3 масни киселини.

Недоволно и несоодветно внесување на Омега-3 масните киселини може да доведе до лоши резултати на тестовите за ментални и моторни вештини, со посебен акцент на нарушување на дефицитот на внимание, побавен физиолошки развој и слаб имунолошки одговор на телото.

Пред повеќе од половина век, кога растеле нашите баби и дедовци, идеалниот сооднос на Омега-3 и омега 6 масните киселини беше 1:1. Со текот на времето, поради модерниот начин на живот и промените во исхраната, тоа се промени, така што денес посакуваниот сооднос би бил до 1:4, а всушност е околу 1:20 во корист на омега 6 масните киселини, бидејќи се користи  повеќе преку сончогледовото, но и пченкарното и лененото масло.

Недостатокот на Омега-3 во еритроцитите доведува до разни нарушувања кај децата како што се дебелина, алергии, егзема.

Посебно ќе го издвоиме одличниот учинок во конгинитивните функции кај децата, имено Омега-3 масните киселини тука имаат огормен учинок за правилен развој на тие функции , што означува брза комуникација на двете мозочни хемисфери, а со тоа и брза и олеснета функција на самиот мозок.

Урамнотежениот сооднос на Омега 6 и Омега-3 масните киселини влијае и на превенција од некои болести како што се дијабетес, кардиоваскуларни заболувања и развој на мултиплекс склероза.

Ваквиот урамнотежен сооднос влијае врз развојот на нервниот систем воопшто, и на функциите како концентрација, внимание, фокус и т.н.

Се смета дека имаат антиинфламаторно дејство и се тесно поврзани со антиоксиданси како витамин Е и Селен. Самите родители може да  забележат кога на телото на нивното дете му недостасуваат Омега-3 масни киселини.

Симптомите се манифестираат преку екстремен замор, слаба меморија, сува кожа, проблеми со срцето и промени во расположението.

Последните три месеци од бременоста и првите неколку години од животот на детето се клучни за правилен развој на мозокот. Кај новороденче, телесната маса е само 5% од масата на телото на возрасен, но големината на мозокот е 70% од големината на мозокот на возрасен.

Остатокот од растот на мозокот се одвива во текот на првата година од животот до предучилишна возраст, така што растот на мозокот главно завршува до петтата или шестата година од животот. Во тој период од предучилишна возраст, кој е многу важен за растот на мозокот и развојот на менталните способности, од особено значење е внесувањето на специфични хранливи материи.

Хранливи материи или т.н. „пријатели“ на мозокот вклучуваат:

Омега-3 масни киселини,

особено докосахексаеноична киселина (DHA),

омега 6, арахидонска киселина (АА).

Сеопфатните научни анализи покажаа дека DHA, природно присутен во рибиното масло, позитивно влијае на психолошките способности. Научниците тврдат дека објавените студии даваат доволно убедливи и валидни докази дека намалената концентрација на DHA во мозокот е поврзана со лошите резултати на психолошките и бихејвиоралните тестови.

Покрај развојот на психолошките способности, консумирањето на овие полинезаситени Омега-3 масни киселини во најраната возраст од животот обезбедува подобар развој на видот.

Леснотијата и точноста на решавање на проблематичните задачи има позитивна корелација со подоцнежната интелигенција и вокабулар, па правилната исхрана и навременото дополнување се важни уште од самиот почеток.

Идната мајка за време на бременост и доење посебно внимание треба да посвети на соодветното внесување на Омега-3 масни киселини.

Доењето обезбедува внес на арахидонски (АА) и докосахексаеноични (DHA) масни киселини кај доенчињата. Разликите во DHA во мајчиното млеко значително варираат во зависност од исхраната на мајката. Сигурно е дека мајките доилки обезбедуваат извори на DHA преку исхраната, првенствено со конзумирање на масна морска сина риба. Докажано е дека, откако доилка консумира сардина или туна, разликата на DHA во мајчиното млеко значително се зголемува по 6 часа и достигнува максимум по 24 часа. Бебињата ги добиваат Омега-3 масните киселини во  периодот на доење преку соодветна  формулација на мајчиниот организам.

Најдобар начин да му обезбедите на вашето дете редовно внесување на Омега-3 масни киселини и  да ги внесете преку храна или додатоци. Храната која е најбогата со Омега-3 масни киселини е морската риба и морските плодови: крап, лосос, туна, ракчиња, сардини, харинга, скуша, лигњи, октопод, бакалар и др.

Како замена за Омега-3 масните киселини од храната, постојат различни течни додатоци во исхраната базирани на рибино масло, богати со Омега-3 масни киселини и содржат DHA и EPA, докосахексаеноична и еикозапентаноична, два основни типа на Омега-3 масни киселини кои се апсорбираат од телото.

Поволно дејство за развојот на децата во најрана возраст се постигнува со дневен внес од 250 mg EPA и DHA.

Омега-3 може да помогне за поддршка на здрави коски

Омега-3 директно влијае  врз здравјето на коските кај децата кои растат.  Врската помеѓу Омега-3 и здравјето на коските е помалку позната, но истражувањата во оваа област се забрзани во последниве години.

Вреди да се земе во предвид дека децата се движат низ различни фази на забрзан раст на коските во детството и адолесценцијата. 

Истражувањата покажуваат дека Омега-3 може да помогне во поддршката на остеобластите – многу релевантни за децата кои растат бидејќи тоа се клетките кои градат здрава коска. 

Омега-3, исто така, помагаат да се контролира воспалението, што е исто така одлична вест за градење здрави коски, бидејќи прекумерното воспаление ги активира остеокластите – клетките што ги разградуваат коските.

Друг можен механизам со кој Омега-3 може да помогне во поддршката на здравите коски  е преку поддршка на апсорпцијата на калциум – суштински минерал потребен за здрава структура на коските

Децата кои користат Омега-3 масни киселини  имаат значително подобрување во читањето, правописот и Омега-3 се безбедна и ефикасна опција за третман за деца со  нарушување на развојната координација.

Превенцијата  на децата со  Омега-3 може да ја намали инциденцата на алергии кај децата

Истражувањето за значително намалена инциденца на перзистентно отежнато дишење или астма на возраст од 3 до 5 години кај деца чии мајки земале рибино масло за време на бременоста.

Ова покажува дека конзумирањето на Омега-3 за време на бременоста од страна на мајките или внесувањето на Омега-3 во детството може да помогне во намалувањето на инциденцата на алергиски болести, вклучително и астма.

Омега-3 може да го подобри сонот кај децата.

Повеќето родители се во потрага по добар сон за нивните деца!  Студијата DOLAB, исто така, истражуваше дали дополнувањето на Омега-3 може да има корисен ефект врз спиењето.  Резултатите покажале дека лошиот сон е значително поврзан со пониските нивоа на DHA во крвта, а дека суплементацијата на DHA доведе до намалување на бројот на нарушувања во текот на ноќта, како и 58 минути повеќе сон навечер во просек!

Секако дека земањето на Омега-3 може да ги подобри вештините за читање и математика

DHA особено е препознаен како суштински за нормална функција на мозокот.  Тоа помага да се подобри флуидноста на мембраната, што значи дека нервните импулси или пораките се пренесуваат поефикасно.  Кај луѓето, студиите покажуваат дека DHA поддржува нормален коефициент на интелигенција и го зајакнуваат учењето и меморијата.

Мозокот расте со најголема брзина од раѓање до околу 2 години, иако развојот продолжува во текот на детството и адолесценцијата. Над 60% од мозокот е составен од масти, а Омега-3 масната киселина DHA (докосахексаеноична киселина) сочинува околу 10-15% од тоа. DHA е неопходен за развој на сензорни, перцептивни, когнитивни и моторни нервни (нервни) системи за време на изливот на раст на мозокот. Се смета дека деловите од мозокот богати со DHA се одговорни за активности како што се планирање, решавање проблеми и фокусирано внимание.

Како еден вид на заклучок на крајот од овој не толку краток совет и опис во врска со Омега-3 масните киселини можам да кажам дека и тоа не е СЕ. Постојат уште многу истражувања кои ни укажуваат на важноста инеопходноста од користењето на Омега-3 масните киселини кај децата. Ќе кажам дека ги има во секаква суплементативна форма и дека не се само потребни кај децата туку и кај возрасните, но за да имаме здрава иднина мора и така здраво да ја градиме преку здрав, правилен раст и развој на нашите деца кои се нашата иднина. Секако дека во иднина ќе одговориме на сите можни поставени прашања и ќе сме секогаш тука за добар и корисен совет и помош.

Др.спец. Ангелчо Андоновски , педијатар.

тантруми кај децата
Овој веб сајт користи веб колачиња. Би сакале да користиме веб колачиња "Cookies", со цел да го подобриме Вашето корисничко искуство на нашиот веб сајт. Ова ни овозможува да го подобриме Вашето идно искуство на нашиот веб сајт. Политика за колачиња
СЕ СОГЛАСУВАМ
не се согласувам