тантрума кај мали деца бес
Нападот на бес и појава на тантрума кај децата сериозен аларм или вообичаеност

Драматична е состојбата со менталното здравје кај децата особено во периодот после Ковид-19. Пандемијата придонесе за целокупното нарушување на менталното здравје и задава сериозни проблеми кои се голем товар како за децата така и за нивните родители, па и за малиот број професионални лица кои работаат на оваа проблематика. Свеста треба да биде подигната на високо ниво и сите институции што поскоро да се вклучат во превенција и решавање на овој сериозен проблем кој го погоди не само нашето општество туку и целиот свет. До израз дојдоа сите ментални патологии кои порано претставуваа само статистички податок, а сега се реалност: адхд, адд, аутизам, лесна, умерена и тешка ретардација, алалија, појава на тантруми, бес и многу други. Затоа како општество, а и ние како професионалци сакаме отворено да говориме и да работиме за полесно да успееме да третираме навремено препознаен проблем. Аларм и заложба на целото општество како протоколарна зададена патека за правилен раст и развој на децата во нашата држава.

Што се тантруми или напади на бес кај детето?

Тантрумите се интензивни емоционални испади кај малите деца. Емоциите кои се појавуваат кај децата во таа прилика се гнев, разочарување, фрустрација, а децата ги изразуваат со врескање, силно плачење, тркалање на подот, фрлање предмети, неконтролирано трчање, бегање, итн.

Тантрумите, односно како што често ги нарекуваат кај нас, изливи на гнев, најчесто се јавуваат кај децата после втората година, а се честа појава меѓу третата и четвртата година. Бесот (тантрум) може да се појави дури и кај многу мали деца, веќе по 12-месечна возраст.

Зошто се појавуваат тантрумите кај мали деца?

Постојат многу причини зошто може да се појават тантруми, а повеќето од нив е тешко да се предвидат. Ситуациите кога се појавуваат изливи на гнев кај децата вообичаено изгледаат различно. Детето е фрустрирано во ситуација кога не може да ги изрази своите чувства со зборови. Немајќи способност да комуницира со зборови (недостаток на експресивен говор), детето станува фрустрирано.

Детето треба да биде независно – ситуација во која треба да направи нешто самостојно, а не го може тоа се јавува простор за појава на фрустрација и  тантрум.

Понатаму детето може да чувствува недостаток на контрола над ситуацијата, на пример додека игра сака да направи нешто, а тоа не му излегува како што посакува.

Кај детето се случува да има или премногу или премалку ограничувања, на пример глад, замор, досада, премногу возбуда и слично.

Децата не се во состојба да се смират поради незрелоста на нервниот систем и неможноста да ги регулираат чувствата. Поради оваа причина, лесно ги преплавуваат емоции, особено кога некои од нивните основни потреби не им се задоволени (потреба за сон, одмор, храна, желба, независност). На пример, во тој момент лижавчето кое детето го барало пред ручекот изгледа како да е центар на светот и најважното нешто поради кое започнува хистерија и бес. Тантрумите НЕ ЗНАЧАТ дека детето е безобразно и невоспитано, дека вие сте лош родител и дека е потребно да го казните за таквото однесување. Тантрумите ЗНАЧАТ дека детето е преплавено со емоции и има некоја потреба која не е задоволена, а сè уште не знае да ја искаже на вистинскиот начин. Детето може да биде гладно, жедно, да бара сигурност, заштита или едноставно да има потреба од разбирање.

Како да спречите појава на татнтрум?

Појавата на тантрумите е често неизбежен процес, но постојат стратегии што можете да ги користите за да ја спречите нивната појава.

Обезбедете му на вашето дете дневна рутина – за многу деца од клучно значење е да имаат распоред на дневни активности, редовни оброци, дневни дремки, прошетки во парк, вечерни задачи и слично, коишто ќе му создадат правило и рутина на детето. Сè мора да се одвива приближно во исто време од денот, што на децата им дава чувство на удобност, сигурност и контрола над ситуацијата.

Избегнувајте ги нападите на „Страшната четворка“ или глад, замор, досада и преголема возбуда. Тоа се четири значајни предизвикувачи за бес. На пример, тоа значи дека треба да избегнувате возбудливи купувања пред спиење, дека детето никогаш не треба да излегува од дома со празен стомак и без здрава ужина при рака и дека мора да носите сликовница или играчка каде и да се оди.

Избегнувајте да кажувате „НЕ“. Погрижете се да го приспособите просторот дома во насока на безбедност на децата и треба да ја избегнете потребата секој пат да му велите на детето „Не, не допирај го тоа“.Сепак е важно и да се постават јасни граници.

Дозволете му на детето да направи избор. На пример, понудете му на детето да избере дали прво за ручек ќе јаде месо или зеленчук. Погрижете се ова да не се претвори во избор дали детето го сака едното или другото, туку да избере кое јадење прво да го јаде или, пак, дали сака да носи сини или зелени панталони. Детето сака да има избор, но мора јасно да знае каков е изборот пред него. Така полесно ќе го прифати фактот дека мора да облече панталони.

Не кажувајте „можеби“. Кога ќе кажете „можеби“ малите деца тоа често го толкуваат како „да“. Затоа е подобро веднаш да кажете „да“ или „не“ и да објасните зошто. Секогаш бидете доследни на вашиот конечен став (дури и ако подоцна мислите дека сте погрешиле) за да не завршите да „преговарате“ со детето. Ако детето види дека со викање може да ја промени вашата одлука, со сигурност ќе ја искористи таа можност.

Откријте ги предизвикувачите на бес. Секое дете е различно, па она што предизвикува гнев кај едно дете може да биде сосема различно кај друго дете. Внимателно размислете ако вашето дете бара нешто. Можеби не треба да велите „не“ на сè? Можеби има алтернативи? Одлучете сами за што вреди да се борите.

Откријте ги границите на вашето дете. Ако детето е склоно да се нервира за нешто што не може да го направи, изберете поедноставни активности, оставете го полека да гради нова вештина. Исто така, ако детето е уморно, можеби не е добра идеја да го однесете во игротека или продавница или да му дадете друга активност. Препознајте ги раните знаци на замор или дека детето имало премногу активности во текот на денот.

Што да направите кога ќе се појави тантрум или бес кај детето?

Без разлика што сте преземале апсолутно сè за да спречите бес, детето сепак може да падне во емотивна замка, што ќе резултира со тантрум. Тоа може да се случи во секое време и секаде.

За да му помогнете на вашето дете, најдобро е да користите еден од методите што вклучуваат одвлекување на вниманието. Имајте на ум дека времето е исто така многу важно. Сите овие методи се најефективни кога се применуваат што е можно порано, односно веднаш штом забележите дека детето им подлегнува на емоциите.

Бидете трпеливи и почекајте да помине гневот. Иако е драматично и тешко, ништо не може да го извлече детето од бурното чувство за само неколку секунди.

Направете игра. Ако очекувате детето да стане нетрпеливо во некоја ситуација, обидете се да го забавувате. На пример, играјте „погоди што имам во торбата“. Ваквите игри се одлично решение за различни чекални или за чекање во ред на каса. Тие се одлично решение бидејќи освен што го одвлекуваат вниманието на детето го анимираат и му даваат чувство дека му обрнувате внимание. Имајте на ум дека бесот често се јавува како реакција на фрустрација, бидејќи детето во тој момент не чувствува дека го има целосното внимание на родителите.

Поттикнете го детето да се смее. Направете нешто смешно. На пример, ако вашето дете не стои во место за да се пресоблече, ставете ги неговите панталони на главата како капа или направете му интересна и впечатлива гримаса. Ако не сака да ја јаде својата ужинка, преправајте се дека разговарате со неговата ужинка и дека ќе ја изеде некој друг.

Скријте се. Секако, внимавајте да не го испуштите од вид вашето дете и да не отидете предалеку. Скријте се за секунда, а потоа скокнете и извикнете „Бу!“ со насмевка. Детето веднаш ќе заборави што правело претходно.

Зборувајте нежно. Иако претпоставуваме дека и вашите емоции „вријат“ во моментот на тантрумот, мора да останете смирени. Зборувајте со детето со мирен и нежен глас. Гушнете го и пофалете го за секоја исполнета наредба и смиреност после тантрумот. Кажете му дека ви е жал што се чувствува така и што е лут. Детето веројатно ќе се смири ако слушне дека зборувате за таа случка.

Заземете став. Ако вашето дете добие тантрум затоа што нема да му дадете чоколадо пред вечера, вашиот одговор треба да биде монотоно повторување на правилото „Не јадеме слатки пред вечера“. Трикот е да бидете упорни и смирени. Обидете се да останете што е можно понеутрални со цел детето да ја разбере сериозноста на ситуацијата. Ова најверојатно ќе го збуни, а вашиот авторитет ќе го одвлече вниманието од понатамошна драма.

Прегрнете го детето. Ако детето е целосно совладано од емоции и не помага никаква забава, одвлекување внимание или глумење, време е за прегратка. Прегратката ќе го „стопи“ гневот на детето и ќе го смири. Дополнително, прегрнувајќи го детето ќе спречите да трча наоколу или да се фрли на подот и да предизвика повреди.

Ако детето е толку луто што не прифаќа физички контакт, останете блиску, доволно ќе му биде да знае дека сте блиску и да му дозволите да се „издува“. Внимавајте детето да не се повреди од нагли движења.

Разговарајте со вашето дете за чувствата откако ќе се смири. Во зависност од возраста на детето, можете да зборувате за чувствата на лутина, бес и тага. Кога детето е мирно и расположено, кога знаете дека внимателно ќе ве слуша, на пример пред спиење, можете да дадете пример како се соочувате со таквите емоции и како ги решавате. Најдете или измислете приказна сами, на пример за лик (девојка, момче) или за животно што е луто или тажно поради таа причина. Како би го советувало детето? Што би рекле за да го утешите? Дали постојат техники за побрзо да се ослободи од гневот (броење до 10, удирање во перница со рака, изразување чувства велејќи „Многу сум лут, навистина сум лут!“)

Предупредување
Ако детето почувствува дека го менувате барањето поради тантрум (напад на бес), бидете сигурни дека тој ќе се појавува сè почесто и почесто, и ќе биде се посилен и побурен во иднина. Доколку решите да истраете, можете да сметае дека детето ќе се обиде уште неколку пати и дека после тоа тие ќе исчезнат и ќе можете да живеете без напади на бес.

Дали нападите на бес (тантрумите) треба да ве загрижуваат?

Сè зависи од тоа дали тие се јавуваат често. Дали му треба долго време на детето да се смири? Како се манифестираат?
Ако нападите на бес траат подолго од 5, 10, 15 минути и после тоа детето е и натаму вознемирено – тоа може да биде сигнал дека се случува нешто посериозно. Исто така, ако тантрумите се појавуваат и се засилуваат од ден на ден и од месец во месец тоа е знак дека нешто сериозно е во прашање, што би можело да биде последица на некаков вид траума.
Каква суплементација треба да се користи за смирување тантрум?
Вообичаено тоа е индивидуално и зависи од дете до дете, како и од видот на тантрум што се јавува. Треба да бидеме свесни дека здравата исхрана кај овие деца е многу важна. Потребно е да се внесуваат многу течности, цедени сокови, овошје, зеленчук, домашно готвена храна, супи и сè што подразбира здрав извор на потребни суплементи. постојат огромен број ОТЦ препарати, но меѓу најпотребните е користењето Омега 3 масни киселини кои даваат добра комуникација на двете хемисфери и нутритивно хранење на мозокот. Пробиотиците и пребиотиците исто така се неопходни за подобра апсорпција, а и за чистина на организмот. Потребни се мултивитамини за одржување добра кондиција на имунолошкиот систем. Во консултација со лекар специјалист од областа на менталното здравје, доколку е потребно може да се користат и лекарства како што се антипсихотици кои се дават внимателно и со посебна инфикација. Секако дека за сè треба да се одлучува и да се консултира професионален тим составен од педијатар, психијатар, психолог, итн.
Кога ќе се воочат сите погоре опишани моменти и применетите методи нè даваат резултат во нормализирање на состојата, задача на родителите е со детето да посетат професионален тим кој првично ќе воспостави правилна дијагноза, а подоцна и како тим ќе работи со тоа дете. Заводот за ментално здравје при Здравствен дом Скопје постојано е на врвот на задачата и работи со секаква проблематика од менталната област. Секое дете кое ќе побара помош ќе ја добие навремено.

Да сториме СÈ ЗА ДЕЦАТА, тие се нашата иднина и да им покажеме дека секогаш ќе бидеме до нив и дека сме нивна најголема подршка.

м-р д-р Ангелчо Андоновски специјалист педијатар, ЗД Скопје

тантруми кај децата
Овој веб сајт користи веб колачиња. Би сакале да користиме веб колачиња "Cookies", со цел да го подобриме Вашето корисничко искуство на нашиот веб сајт. Ова ни овозможува да го подобриме Вашето идно искуство на нашиот веб сајт. Политика за колачиња
СЕ СОГЛАСУВАМ
не се согласувам