Кои суплементи се неопходни во текот на бременоста ?
Кои суплементи се неопходни во текот на бременоста ?

Пренатални витамини се мултивитамини наменети за бремени жени, или жени кои планираат бременост. Споредено со конвенционалните мултивитамини, тие содржат повеќе од некои нутриенти кои се потребни во бременоста. Пренаталните витамини треба да се земаат секој ден во текот на бременоста. Доколку планирате да останете бремена, може да почнете со земање пренатални витамини пред да останете бремена.
Во текот на бременоста, бебето ги зема сите потребни витамини, минерали и нутриенти од мајката, па затоа потребите за витамини, минерали и останати нутриенти растат во текот на бременоста. Пренаталните витамини содржат точна количина на нутриенти кои се потребни во бременоста.

Кои витамини и минерали се најважни во текот на бременоста?

Иако сите витамини и минерали се важни, овие 5 играат клучна улога кај бебешкиот раст и развој во бременоста:

 1. Фолна киселина
 2. Железо
 3. Калциум
 4. Витамин Д
 5. Јод

Фолна киселина

Фолна киселина е витамин од групата Б кој и е потребен на секоја клетка за здрав раст и развој. Земањето на фолна киселина пред и во текот на бременоста може да превенира вродени дефекти на мозокот и рбетниот мозок наречени како дефекти на невралната туба. Некои студии покажуваат дека земањето на фолна киселина игра улога во превенција и при некои срцеви абнормалности при раѓање. Земањето на фолна киселина е особено важно доколку во минатото Вие или вашиот партнер сте имале проблеми со дефекти на невралната туба.

Железо

Железото е минерал кој нашето тело го користи да создаде хемоглобин, протеин кој помага во пренесувањето кислород од белите дробови до остатокот од телото. Потребите за железо во бременоста двократно се зголемуваат. Железото му е потребно на организмот, за да ги задоволи зголемените потреби на кислород во текот на бременоста, а исто така железото е потребно при формирањето хемоглобин кај детето. Железото може да се внеси и преку исхрана. Храна која содржи високи количини на железо вклучува:

 – Посно месо и морски плодови
 – Житарици, леб и тестенини кои се збогатени со железо
 – Лиснат зелен зеленчук
 – Мешунки, семиња, јаткасти плодови и суво овошје 

Храна која содржи витамин Ц може да ја зголеми апсорпцијата на железо во организмот. Затоа добра идеја е да се зема храна како сок од портокал, домати, јагоди и грејпфрут секој ден.

Калциумот (во млечните производи)  и кафето, чајот, жолчката, диететските влакна и сојата може да ја намали апсорпцијата на железо во организмот, па се препорачува да не се земаат овие јадење заедно со храната која има висока содржина на железо.

Дефицитот на железо во бременоста може да придонесе до зголемена подложност на инфекции, анемија, вртоглавици, замор, предвремено породување и ниска телесна тежина при раѓањето.

Калциум

Калциумот е минерал кој помага за правилен развој на коските, забите, срцето, мускулите и нервите кај бебето. Калциумот може да се внесе со храна или земање на пренатални витамини кои содржат калциум. Добри извори на калциум вклучуваат:

 – Млеко, сирење и јогурт

– Брокули и кељ

– Сок од портокал збогатен со калциум

Доколку постои дефицит на калциум при бременоста, тоа може да довери до одредени здравствени проблеми, како остеопороза подоцна во животот. Остеопорозата се поврзува со зголемен ризик од фрактури и скршеници кај мајката.

Витамин Д

Витамин Д  помага во вградување на калциум во коските  и треба да се употребува во облик на препарати ако бременоста се одвива во зимските месеци, бидејќи синтезата на витамин Д е зависна од сончевото влијание на кожата. Кога кожата е помалку изложена на сонце, се создава помалку витамин Д.  Некои добри природни извори на витамин Д вклучуваат некои помрсни риби, како лосос и млеко и житарици.

Јод

Јодот придонесува во нормалното производство на хормоните на штитната жлезда и нормална функција на штитната жлезда. Најважна улога на тироксинот и тријодтиронинот е создавање и развој на мозокот и нервните структури. Мозокот на бебето почнува да се формира пред формирањето на штитната жлезда на бебето, што значи дека во самиот почеток бебето е потполно зависно од хормоните кои преку постелката се добиваат од мајката.  Создавање на невронската мрежа почнува во првите седмици од развојот на фетусот, а за тоа јодот е најважниот прехрамбен извор. Колку е поразгранета невронската мрежа, поголема е искористливоста на мозокот, а со тоа и подобро е памтењето, концентрацијата и учењето.

Мр.Фарм Соња Пецевска

Овој веб сајт користи веб колачиња. Би сакале да користиме веб колачиња "Cookies", со цел да го подобриме Вашето корисничко искуство на нашиот веб сајт. Ова ни овозможува да го подобриме Вашето идно искуство на нашиот веб сајт. Политика за колачиња
СЕ СОГЛАСУВАМ
не се согласувам